Џафери за МИА: Сите да придонесат за фер и демократски процес, државата има капацитет да се справи со евентуални надворешни влијанија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во изјава за МИА зборува и за претстојните двојни избори и за очекувањата од истите.

Премиерот Џафери очекува Владата, граѓаните и политичките партии кои ќе решат да учествуваат во процесот, да придонесат за фер и демократски избори. 

„Владата и граѓаните и политичките партии кои ќе се решат да учествуваат во процесот, да прават дополнителни напори за да овозможиме процесот да тече непречено во рамки на она што се демократски вредности, како процес, и секако, со тоа да олесниме на ДИК којашто според законот е и единствена надлежна за спроведување на процесот на изборите, според Изборниот законик. Сите сме должни да придонесеме со своето однесување, пред сѐ кон обврските што ќе ги имаме и како институции и како граѓани, да учествуваме во тој процес, да обезбедиме мирни, фер избори од кои ќе треба со полн легитимитет и легалитет да произлезат новите институции во Собрание и идната Влада која ќе биде избрана“, изјави премиерот Џафери.

Во однос на шпекулациите за странското влијание врз изборниот процес, премиерот Џафери смета дека држава како полноправна членка на НАТО е подготвена да се справи со предизвиците во текот на изборите.

„Како и да е, секако оценка е и во државата и на меѓународните партнери, а искуствено преку изборните процеси во другите држави кои се одвиваат во претходниот период, не се исклучува можноста од такво можно влијание, а имајќи предвид дека веќе има индиции преку лажни вести, злоупотреба на медиумскиот простор да се оди во тој правец, сите ние сме должни да преземаме соодветни мерки за навремено да одговориме на тие предизвици. Секако имајќи предвид дека сме полноправна членка на НАТО, имаме можност да ја искористиме и ја имаме на располагање инфраструктурата на НАТО институциите, за да можеме да се справиме и да одговориме на овие предизвици. Подготвеноста од тој аспект е изразена и затоа има потреба од координација на сите понатамошни активности во подготовката за спроведување на изборите да ги користиме соодветно и да можеме соодветно да одговориме на тие прашања, за да можеме да го обезбедиме она што ни е примарна цел, да обезбедиме мирен тек на изборите“, посочи Џафери.