Работни средби на Османи во Талин

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска, во рамки на посетата на официјален Талин, покрај средбата со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Република Естонија, Урмас Реинсалу, оствари повеќе работни средби.

На средбата со Спикерот на естонскиот парламент (Riigikogu), Јури Рутас, беа потврдени пријателски односи и соработка, кои се изградени врз основа на меѓусебно почитување и доверба во изминатите скоро три децении.  Двајцата соговорници ја нагласија потребата од динамизирање на парламентарната соработка и во овој контекст министерот Османи ја реафирмира потребата од формирање на Парламентарна група за соработка со Северна Македонија во естонскиот парламент. Османи брифираше за актуелностите во врска со европските интеграции на Северна Македонија, соработката во рамки на Алијансата, како и за состојбите во Западниот Балкан низ призмата на безбедноста и европската перспектива на Регионот и потребата од дијалог за изнаоѓање на прифатливи решенија за затворање на отворените прашања.

Спикерот Рутас изрази задоволство од билатералните односи меѓу двете земји, со заложби да се искористи потенцијалот кој постои. Во контекст на геополитичките состојби по руската инвазија на Украина и нарушената безбедност, Рутас истакна дека од исклучително значење е јакнење на источното крило на НАТО, и во тој контекст и солидарноста и единството меѓу земјите членки и партнери на Алијансата.

Соговорниците се осврнаа и на идното претседавање на Република Северна Македонија со  ОБСЕ во 2023 година, при што ја изразија надежта за блиска соработка и поддршка.

Во насока на продлабочување на воспоставената соработка меѓу Северна Македонија и Естонија во областа на дигитализацијата, министерот Османи оствари средба со Андреа Киви и Ева Мариа Лиметс, претставници на Естонскиот Центар за меѓународен развој. Целта на разговорите беше заемен брифинг за текот на актуелниот проект кој се реализира врз основа на Меморандумот за соработка потпишан меѓу Северна Македонија,  Естонија и САД, за дигитализацијата на услугите во нашата земја. Воедно во контекст на дигитализацијата, на министерот Османи му беше презентиран и е-Естонија брифинг центарот, кој е основан во 2009 година, а кој е дел од Агенцијата за бизнис и иновација на Естонија со цел промоција на естонската експертиза во дигитални услуги, ширум светот.